Ватикан објави дека папата Франциско починал од мозочен удар кој предизвикал кома и неповратно срцево затајување. „Смртта е констатирана со електрокардиограм“, пишува во изводот на смртта потпишан од директорот на Одделот за здравје и хигиена на Ватикан, професор Андреа Аркангели.
„Потврдувам дека Неговата Светост Франциско (Хорхе Марио Бергољо), роден во Буенос Аирес (Аргентина) на 17 декември 1936 година, жител на Ватикан, државјанин на Ватикан, почина во 7:35 часот на 21 април 2025 година, во неговиот стан во резиденцијата Санта Марта“, напиша тој.
Аркангели наведува дека папата по мозочниот удар прво паднал во кома, а потоа починал. Причините за смртта се „мозочен удар“, „кома“ и „неповратна кардиоциркулаторна инсуфициенција“, се вели во соопштението. Во документот се додаваат и претходните здравствени проблеми на папата, „епизоди на акутна респираторна инсуфициенција со билатерална мултимикробна пневмонија, хипертензија и дијабетес тип II“.