Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис , јави дописничката на МИА од Атина.

Advertisements

За време на заедничката седница на комисиите за европски и надворешни прашања во грчкиот Парламент, на која министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар говореше за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, Варвициотис, во неговото обраќање, изрази загриженост за случувањата кај нас и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка.

-Морам да го признам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура, рече Варвициотис.

Прикажи повеќе