Според руските медиуми, истрагата се фокусира на подметната експлозивна направа во авионот. Според британските разузнавачки служби пак, најверојатно зад соборувањето на авионот на Пригожин стои домашната руска разузнавачка и безбедносна агенција ФСБ, која е лојална на претседателот Владимир Путин. Подолг период од почетокот на војната во Украина постоеше нетрпеливост меѓу Путин и Пригожин.
Првиот човек на приватната војска обвинуваше дека непотребно гинат војници на украинска територија, односно поради грешни чекори и лоши процени на руската одбрана. Пригожин во јуни дури започна и воен пуч и тргна да го освојува Кремљ, но истиот ден се повлече и замина за Белорусија откако тамошниот претседател Лукашенко беше посредник за да се запрат тензиите.
Сега, откако веќе и официјално е потврдена неговата, но и смртта на неколкумина други лица од највисокиот врв на Вагнер, припадници на оваа формација се заканија дека ќе се одмаздат.
„Многумина зборуваат што ќе направи „Вагнер“ во оваа ситуација. Ќе кажеме само едно – тргнуваме. Очекувајте нè“, рекоа војници на Вагнер.
Пригожин имаше голем број приврзаници во Санкт Петербург, кој беше и крајна дестинација на кобниот лет од Москва. Таму денеска се положуваат цвеќиња од негови соборци, кои ја повикуваат власта да излезе со официјални информации.
„Тој ни беше како татко. Тој ни беше сè и сите секогаш чекавме да чуеме што тој има да каже“, велат припадници на Вагнер.
Особено за западниот свет, смртта на Пригожин не е изненадување, откако тој влезе во судир со Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Сепак, американскиот претседател Џо Бајден вели дека не може да се тврди со сигурност кој стои зад смртта, но не исклучува тоа да е рускиот државен врв.
„Веќе еднаш бев прашан и одговорив дека би пазел што пијам ако сум на местото на Пригожин. Немам конкретни детали што се случило, но не сум изненаден. Не се случува нешто многу во Русија, зад коешто не стои Путин. Но, не знам доволно да можам тоа да ви го одговорам“, рече Бајден.
Од друга страна француските власти кажаа дека постојат разумни сомневања кој може да стои зад падот на авионот, но не откриваат повеќе. Единствено кажаа дека Пригожин важел за човек кој ја вршеше валканата работа на Путин и зад себе остави масовни гробници во Украина, Блискиот исток и ширум Африка.
Лука Андреев