Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада и останува отворена за дијалог со Северна Македонија. Обидите за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, информираат од бугарското МНР.

Бугарското МНР, во реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, нагласува дека „без разлика дали е привремена или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопје“.

-Денешната изјава на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали е техничка или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори, се вели во реакцијата од бугарското МНР.

Прикажи повеќе