Остри реплики на релација Влада-Обвинителство во Бугарија, откако екс-премиерот Бојко Борисов беше пуштен на слобода. Обвинителите не пронашле основи за подигнување обвинение и нагласија дека полицијата противзаконски го привела Борисов.
„Предметот бил оформен за делото „изнуда“, а тоа дело предвидува закана од насилство или други тешки форми на дејствија за изнуда. Такви докази во материјалите што ни се предадени нема“, рече Иво Илиев – обвинител во ОЈО-Софија
Според премиерот Кирил Петков, Обвинителството извршило саботажа и се претворило во адвокат на корумпираните.
„Обвинителство има уште еден сериозен проблем, а тоа е дека по овој предмет работи и европското Обвинителство. И додека прикриваат факти и бугарското општество не може да определи дали и како тие делуваат, сега има паралелна европска структура, на која ние ѝ веруваме многу повеќе“, изјави Кирил Петков – премиер на Бугарија
По излагањето на Петков, обвинителите веднаш возвратија – станува збор за „чиста политика“.
Инаку, Владата во Софија смета дека главниот обвинител Иван Гешев е човек близок до бившиот премиер и затоа не презема дејствија, додека пак Борисов, откако вчеравечер излезе од полициската станица, оцени дека власта врши репресија врз него.
„Брутално и гадно беше ова. Нè вратија во комунизмот. Вчеравечер вечеравме со децата и влегоа униформирани и ја претресоа цела куќа, по што сфатија дека нема ништо и мислев ќе си заминат. Тие ми велат „треба да ве приведеме“. Зошто? Нели ништо не најдовте?“, рече Бојко Борисов – претседател на ГЕРБ
За сомнежите за изнуда, која наводно ја вршел Борисов се вклучи новоформираното европско обвинителство, по што следуваше приведувањето. Предметот беше отворен откако Васил Божков, кој работи со обложувалници и градежништво, рече дека бившиот премиер од него земал рекет од 30 милиони евра. /Алсат.мк
Лука Андреев