Бројот на загинати од разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар во петокот, се искачи на 1.644 лица.
Според првичните проценки на мјанмарската опозициска Влада на национално единство (НУГ), земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала оштетил најмалку 2.900 згради, 30 патишта и седум мостови.
„Поради значителна штета, аеродромите во Најпитав и Мандалеј се привремено затворени“, соопшти НУГ, група составена од членови на избраната влада која беше соборена од војската во 2021 година, со што започна граѓанска војна.
Контролна кула на аеродромот во Најпитав, планираниот главен град на Мјанмар, се урна, изјави извор за Ројтерс.
Американскиот геолошки институт предвидува дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10.000, додека економската штета би можела да биде поголема од годишниот БДП на земјата.
Највисокиот генерал на воената хунта во петокот упати редок апел за меѓународна помош, а голем број земји веќе почнаа да и помагаат на погодената земја од Југоисточна Азија.
Русија, Индија, Малезија и Сингапур испраќаат авиони со хуманитарна помош и спасувачки тимови, а Јужна Кореја најави дека преку меѓународни организации ќе обезбеди првична хуманитарна помош во Мјанмар од два милиони долари.
Блокот на земји од Југоисточна Азија, АСЕАН, во саботата објави дека ја препознава итната потреба од хуманитарна помош за Мјанмар по големиот земјотрес и е подготвен да ги поддржи напорите за закрепнување.
Соединетите Американски Држави, кои имаат тензични односи со војската на Мјанмар и ги санкционираа нивните функционери, вклучително и шефот на воената хунта, Мин Аунг Хлаинг, најавија дека ќе пружат одредена помош.
Кинеските спасувачки тимови пристигнаа и во трговскиот центар на земјата, Јангон. Кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговарал со лидерот на хунтата, соопшти кинеската амбасада. Џинпинг најави 13,77 милиони евра помош, која ќе вклучува шатори, ќебиња и комплети за прва помош.
Првата помош од Индија пристигна и во Мјанмар, јавува агенцијата „ДПА“. Вклучува 15 тони залихи, во кои покрај основните потреби има и генератори и тимови за пребарување.
Текстот Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар се искачи на 1.644 лица е превземен од МАКФАКС.