Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за негово ширење, а како што пренесува „Еј-би-си њуз“, најлошо било во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.

Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис изјавиле дека ја изгубиле куќата во таа населба.

„Зборовите не можат да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашиот дом беше исполнет со љубов“, рече тој.

Во пожарот домот го загуби и американската актерка и милијардерка Парис Хилтон.

„Скршена сум од тага. Седам со моето семејство, гледам вести и го гледам нашиот дом во Малибу како гори до темел на телевизија – нешто што никој не треба да го доживее“, напиша Хилтон додека ги споделуваше извештаите на локалните медиуми за пожарот.

Таа се присети на спомените што ги имала во куќата, истакнувајќи дека таа е посебно место за нејзините две мали деца.

„Оваа куќа беше местото каде што изградивме толку многу скапоцени спомени. Тоа беше местото каде што Феникс ги направи своите први чекори и тоа беше местото каде што сонувавме да создадеме безброј спомени со Лондон“, продолжи Хилтон.

Изгоре и вилата во Лос Анџелес на актерот Адам Броди и неговата сопруга, актерката Лејтон Мистер. Вилата вредна 6,5 милиони долари целосно изгоре, пожарот ги зафати сите соби.

Актерката Џејми Ли Кертис рече дека нејзиниот дом е безбеден, но дека целата населба ја нема.

„Толку многу луѓе изгубија сè. Помогнете каде можете. Ви благодариме на спасувачките тимови и пожарникарите”, напиша Кертис на Инстаграм.

Синот на актерската двојка Том Хенкс и Рита Вилсон, Чет Хенкс, на Инстаграм напиша дека населбата во која пораснал гори до темел.

Актерката Менди Мур се справува со пожарот во Итон, каде на 52.000 луѓе им е наредено да се евакуираат.

Нејзиниот дом се наоѓа во населбата Алтадина, а актерката им се заблагодарила на пријателите кои на нејзиното семејство му обезбедиле сместување за време на евакуацијата.

Текстот Бројни холивудски ѕвезди останаа без вилите во Лос Анџелес: „Тука ги пораснавме нашите деца“ е превземен од МАКФАКС.