Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека рокот за формирање на нова влада почнува утре, 20 март и изјави дека, според законот, новата влада треба да биде формирана до 18 април на полноќ.

Брнабиќ рече дека доколку до 18 април на полноќ не се формира нова влада, претседателот е должен да го распушти Парламентот и да распише парламентарни избори.

Таа на прес-конференција во српското Собрание, по седницата на која беше констатирана оставката на премиерот Милош Вучевиќ, рече дека со констатацијата на оставката во парламентот и официјално е завршен мандатот на владата.

„Српскиот парламент, согласно член 132 од Уставот, ја призна оставката на премиерот, а со тоа и официјално заврши мандатот на Владата на Милош Вучевиќ. Од утре, 20 март, почнува рокот за формирање нова влада“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека, според Уставот, процедурата сега ја презема претседателот на Републиката, кој треба да предложи нов мандатар.

„Крајниот рок за формирање нова влада е 18 април на полноќ. Вучиќ треба да предложи мандатар, а мандатарот на Собранието да ја предложи програмата на новата влада и предлогот на членовите, по што пратениците ќе се изјаснат за своите ставови“, изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека доколку до тој рок не се избере нова влада, претседателот е должен да го распушти Собранието и да распише избори.

Како што наведе таа, изборите треба да се одржат 45 до 60 дена од денот на распишувањето, што во овој случај би било почетокот на јуни.

Текстот Брнабиќ: Рокот за формирање нова влада е 18 април на полноќ, констатирана е оставката на Вучевиќ е превземен од МАКФАКС.