Ричард Бренсон, британскиот милијардер и сопственик на авиокомпанијата „Вирџин Атлантик“, остро ја критикуваше американската влада за ненадејното воведување нови царини, истакнувајќи дека пазарната реакција на тој потег била „и предвидлива и можела да се спречи“.

Во низа објави на социјалната мрежа Икс тој предупреди на сериозните последици за американската и светската економија.

„Дури и да се согласувате со основната идеја на овие царини, требаше да се направи се за да им се овозможи на американските компании да имаат доволно време да се приспособат“, напиша Бренсон.

Тој вели дека пазарите реагирале панично, а последиците се веќе видливи.

„Финансиските пазари ширум светот сега се во слободен пад, со катастрофални последици за обичните Американци и остатокот од светот. Пензионерските заштеди на Американците масовно ќе исчезнат“, рече Бренсон.

Како што доларот слабее, додава тој, се очекува зголемување на цените за американските потрошувачи. Во исто време, многу мали и средни компании веќе банкротираат или се на тој пат.

„Ова не е победничка стратегија на долг рок. Владата на САД сè уште може да ги промени работите, но мора да дејствува во следните неколку часа“, нагласи Бренсон.