Британскиот амбасадор Едвард Фергусон денеска во Белград изјави дека на Западен Балкан му треба повеќе економија, а помалку политика.

„Берлинскиот процес секогаш беше фокусиран на многу конкретни цели. Кога бев амбасадор во Сараево, поминавме многу време фокусирани на изградба на автопати. Се надеваме дека земјите од Западен Балкан бргу ќе влезат во унифициран платен систем“, рече тој на панелот „Преглед на достигнувањата и перспективите на Берлинскиот процес“.

Фергусон истакна дека во изминатите шест години нема напредок во трите договори за регионалната соработка и добрососедските односи, исчезнатите лица и воените злосторства.

Тој изјави дека в година се одбележуваат 30 години од Дејтонскиот договор, геноцидот во Сребреница и акцијата „Бура“ поради што е важно земјите од регионот да најдат заеднички јазик за да продолжат напред.

Тој посочи и дека Берлинскиот процес ја помага европската интеграција на регионот и дека фокусот е на практичните работи, кои имаат цел да го подобрат животот на граѓаните.

Германската амбасадорка Анке Конрад изјави дека патот кон членството во ЕУ е „многу предизвикувачки процес“.

„Затоа го поддржуваме Берлинскиот процес, што го олеснува патот, и со нетрпение го очекуваме периодот од следните 10 години бидејќи сакаме и во ЕУ тоа да се случи многу побргу“, рече таа.

Таа посочи дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, туку начин земјите кандидати да ги забрзаат своите реформи, да соработуваат и да го забрзаат европскиот пат со соработка на земјите кандидати во разни области и со поддршка на земјите членки на ЕУ.

Конрад рече дека прашањата од минатото се сè уште отворени и нема консензус и дека прашање е колку ќе биде потребно да се зборува за тоа.

Текстот Британски амбасадор: На Западен Балкан му треба повеќе економија, а помалку политика е превземен од МАКФАКС.