Велика Британија по вторпат фрли резерви на храна во Газа од авион, јави ДПА.
Кралските воздухопловни сили испратија повеќе од 10 тони помош, вклучувајќи ориз, брашно, масло, храна за бебиња, конзервирана стока и вода за цивилите во Газа на Велики петок.
Авион RAF A400M полета од Аман за да ги исфрли резервите по должината на брегот на територијата разурната од војна, како дел од меѓународната мисија за помош предводена од Јордан.
Во услови на предупредувања за неизбежен глад во разурнатиот од војна Појас Газа, испораките од воздух следеа по неодамнешните копнени испораки на 2.000 тони прехранбена помош од Велика Британија за да се прехранат повеќе од 275.000 луѓе на територијата.
Од друга страна конфликтот на терен продолжува.
Израелската војска потврди дека го убила Али Абед Асан Наим, заменик командант на ракетната дивизија на Хезболах. Тој бил убиен во напад со беспилотно летало во либанскиот регион Базуриех, објавија британските медиуми.
Израелската војска соопшти дека Наим насочил ракетен истрел со тешка боева глава кон израелска територија од Либан. Според израелските воени претставници, убиениот висок функционер на Хезболах бил одговорен за планирање и извршување на напади врз израелски цивили.