Обединетото Кралство не мора да избира меѓу Америка на Доналд Трамп и зајакнување на односите со Европа, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Во говорот фокусиран на надворешната политика на Лондон, Стармер рече дека неговата нова лабуристичка влада ќе продолжи да бара поблиски врски со Америка на Трамп – која размислува за царини за своите традиционални сојузници и европските престолнини.

„Идејата дека треба да избереме меѓу нашите сојузници, дека некако сме или со Америка или со Европа, е сосема погрешна“, рече Стармер. „Категорично го отфрлам тоа“.

Премиерот на Обединетото Кралство – кој се трудеше да ја истакне пријателската вечера со Трамп пред американскиот републиканец да победи на изборите во ноември – се обиде да ги стави односите на Велика Британија со Америка во историски контекст. Тој ги наведе поранешните премиери кои соработувале и со САД и со Европа во време на криза и укажа на „заедничките жртви“ во двете светски војни.

Стармер додаде: „Нашиот однос со САД е камен-темелник на нашата безбедност и просперитет повеќе од еден век. Никогаш нема да се откажеме“.

Победата на Трамп предизвика шокови во европските метрополи. Новиот американски претседател ги повика членките на НАТО да платат повеќе за сопствената одбрана, додека заканата од царини расте.

„Ова не е прашање на сентименталност, туку на ладна, прагматична реалност“, рече Стармер за сојузот на Велика Британија со САД. „Постојано и одново, најдобрата надеж за светот и најсигурниот начин да му служиме на нашиот заеднички национален интерес доаѓа од соработката на нашите две нации. Тоа останува вистина“.

Во исто време, владата на Стармер работи на ресетирање на односите со Европската унија по Брегзит, вклучително и намалување на трговските тензии со блокот.

Текстот Британскиот премиер: Не треба да избираме меѓу Трамп и Европа е превземен од МАКФАКС.