Британскиот крал Џорџ IV лично профитирал од работата на робови на плантажите во Гренада, покажува најновото истражување, што дополнително ја зголемува јавната критика кон монархијата да се соочи со својата улога во времето на ропството.
Дезири Баптист, независен истражувач, пронашла документ од 1823-24 година во Националниот архив во Лондон, кој сведочи за уплата од 1.000 фунти (што денес изнесува околу 103.000 фунти или околу 120.000 евра) од две кралски плантажи во Гренада каде што работеле стотици поробени луѓе.
Парите биле наменети за приватната каса на кралот Џорџ IV и, според Баптист, придонеле за неговиот „раскошен начин на живот“.
Баптист истакнува дека досега никој британски монарх јавно не признал дека Круната поседувала и профитирала од поробени луѓе.
Нејзиното истражување е дел од поширока студија наречена „Робови, сопственост на Неговото Величество: Џорџ IV и Гренада“.
Професорот Едмон Смит од Универзитетот во Манчестер, кој ја води студијата за улогата на кралската фамилија во ропството, изјави дека оваа уплата може да биде „само врвот на ледениот брег“.
Тој заедно со Ник Дрејпер од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги потврдиле наодите на Баптист.
Смит додаде дека доказите укажуваат на поширок образец на колонијална експлоатација во потрага по приходи од карипските колонии.
Бакингемската палата не дала коментар на извештајот.
Крал Чарлс претходно изразил жалење поради ропството во говор пред лидерите на Комонвелтот во 2022 година и ја поддржал академската студија за историската улога на монархијата, но засега не ја признал директната вмешаност на Круната во робовласништвото, пренесе Ројтерс.
Текстот Британската монархија во нов проблем: пронајден документ што го зголемува притисокот врз кралот Чарлс е превземен од МАКФАКС.