Британија со препорака до Северна Македонија: Спроведување на реформите и еднакви права за сите граѓани

Британската Влада го поздрави напредокот на Северна Македонија постигнат од последната ревизија, вклучително и работата за реформирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која стана институција позитивно препознаена од граѓаните. Тие сметаат дека е важно на Комисијата да и се дозволи да продолжи со својата работа на транспарентен и отчетен начин, а владата да постапува по нејзините наоди, се наведува во соопштението.

Велика Британија и понатаму е загрижена за дискриминацијата на малцинствата во земјава, при што извештаите нагласуваат ограничен пристап до можности особено за припадниците на ромската заедница. Потребна е итна акција за справување со овие прашања и спроведување на реформи и еднакви права за сите граѓани, без разлика на етничката или која било припадност.

Негативното влијание на корупцијата врз уживањето на човековите права е јасно. Ја повикуваме Северна Македонија да преземе поголеми чекори за да се справи со корупцијата и да ја обнови довербата на јавноста во институциите, вклучително и во судството, се додава во соопштението.

Британската Влада и препорачува на Северна Македонија:

1. Да се донесе новиот Закон за родова еднаквост со кој ќе се подобри родовиот механизам на национално и локално ниво и доследно да се имплементира Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 и Националниот акционен план за родова еднаквост 2022-2024 година.

2. Да се формира независно тело кое ќе има задача да ги истражува наводите за полициско недолично однесување и кршење на човековите права, овластено да спроведува непристрасни истраги, да бара одговорност од службениците за недолично однесување и да препорача дисциплинска постапка или правно гонење кога е потребно.

3. Спроведување мерки за борба против вознемирувањето на новинарите преку Интернет, вклучително брза и темелна истрага на заканите и нападите, повикување на одговорност на сторителите и поттикнување на одговорно онлајн однесување.

Г. Т.