Рускиот претседател Владимир Путин изгубил 16 генерали на бојното поле од почетокот на војната против Украина, според британското Министерство за одбрана, пишува HuffPost.
Британското Министерство за одбрана (МО) вели, како што пренесува медиумот, дека оваа загуба сериозно го нарушила синџирот на команда и контрола во некои делови од руската војска.
Во извештај на социјалната мрежа X, објавен за време на викендот, МО истакнува дека двајца високи генерали биле убиени во 2025 година, а вкупно пет во последните 12 месеци.
„Загубата на толку многу високи офицери веројатно го нарушила синџирот на команда и контрола во делови од руските вооружени сили. Ова веројатно придонело за тактичките и оперативните тешкотии на Русија за време на конфликтот“, вели МО.
Најновата жртва е генерал-мајорот Михаил Гудков, кој почина по украинскиот напад врз руска командна позиција на 2 јули во регионот Курск во западна Русија.
Според Министерството за одбрана, Гудков веројатно ги предводел обидите на поморските пешадиски единици да воспостават тампон зона во украинскиот Сумски регион. Напредокот на Русија во регионот е забавен од украинските контранапади и значителните руски загуби.
Министерството за одбрана претходно објави дека бројот на руски воени жртви надминал еден милион од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.