Судот во Обединетото Кралство денеска осуди 28-годишен маж на 20 месеци затвор за поттикнување расна омраза поради пораките на Фејсбук кои повикуваат на напад на хотел во кој престојуваат баратели на азил.
Казната за Џордан Парлор, кој ќе треба да отслужи половина од казната зад решетки, е прва од ваков вид во Британија, откако екстремната десница почна да се буни таму пред повеќе од една недела, пренесе Бета.
Причина за насилството е тоа што 17-годишник убил три девојки со нож на час по танцување, а за кои лажните вести објавени на интернет тврделе дека е муслиман и барател на азил.
Во бранот дивеење што потоа ја зафати Британија, хотел во кој се сместени баратели на азил беше нападнат и запален, а десетици полицајци беа повредени во судир со екстремни десничарски екстремисти.
Претходно како што извести Цивил Медиа, двајца бунтовници беа осудени на две години и осум месеци затвор за насилните нереди на екстремно десничарските протести во Британија
Џон О’Мали (43) е осуден на 32 месеци затвор за насилни нереди поради немирите пред џамијата во Саутпорт на 30 јули – ден по прободувањето. Вилијам Нелсон Морган (69) е осуден на 32 месеци за насилни нереди и шест месеци за поседување навредливо оружје откако се приклучи на немирите во Ливерпул во саботата.
Пол Луис, говорејќи за двајцата обвинети [Нелсон Морган и О’Мали], му кажа на судот дека по одреден период на размислување сфатиле дека не постои поплака што може да се исправи со владеење на толпата, пренесува Би-би-си.