Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, сака да формира коалиција и да состави влада со неговиот најголем политички ривал Кирил Петков, односно со коалицијата што тој ја предводеше за парламентарните избори одржани на 2 април.
Коалицијата ГЕРБ-СДС на изборите победи со тесна разлика пред партијата на Петков – Продолжуваме со промените (ПП) која настапи заедно со Демократска Бугарија (ДБ).
Во 240-членото Народно собрание, коалицијата на Борисов освои 69 пратенички мандати, а таа на Петков само пет помалку.
„Сакам да формирам влада со ПП-ДБ. Имаме многу јасни задачи – влада меѓу овие две партии, даваме сè од себе. Денеска ќе формираме две комисии од двете групи – правна и финансиско-буџетска за разгледување на буџетските програми. Наш главен приоритет е влада меѓу ГЕРБ и ПП. Подготвени сме на многу компромиси“, изјави денеска Борисов.
Првата седница на новиот состав во Народното собрание се одржа вчера, но вчерашниот ден заврши без да се избере претседател. Одложувањето на изборот, според Борисов, е многу важно за да може двете партии да разговараат и постигнат договори.