Шефицата на политичкиот кабинет на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по синоќешниот вонреден коалициски совет на кој се расправаше за односите со Северна Македонија, соопшти дека учесниците се согласиле оти за Бугарија е најважно да има широк консензус за прашањето, поради што е потврден ставот на целата владина коалиција дека оваа тема нужно треба да помине низ Народното собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Бориславова, дипломатите во бугарското МНР ќе продолжат активно да работат и да се трудат да го заштитат бугарскиот интерес.
Средбата во зградата на бугарската влада се одржа по упатеното барање на премиерот Кирил Петков до претседателот Румен Радев да го свика Советодавниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите со Република Северна Македонија.
Бориславова рече дека владејачката коалиција во Бугарија имала конструктивен дијалог на оваа тема, која е исклучително важна за бугарското општество.
Прашана дали Радев и Петков разговарале за С Макеоднија, таа одговори: „таков разговор не е одржан, но двајцата се во дијалог” и додаде дека „Владата и кабинетот нема да бидат тие што ќе го предадат бугарскиот национален интерес“.
За тоа кога би можел парламентот да расправа за С Македонија, Босрславова кажа дека „кога ќе има одлука и извештај од МНР кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе биде доставен предлог до Народното собрание, а во оваа фаза се уште не е стигнато до таму“.
Запрашана за евентуалниот рок за расправа за ова прашање во парламентот, Бориславова рече: „Кога ќе имаме одлука и извештај на Министерството за надворешни работи, кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе имаме предлог до Народното собрание. Во оваа фаза не сме дојдени таму“.