Борел утре и задутре ќе престојува во Австрија на разговори за Западен Балкан

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, утре и задутре ќе престојува во Австрија каде ќе учествува на повеќе состаноци и дискусии за односите на ЕУ со Западен Балкан.

За време на средбите со претставници на Австрија и Западен Балкан, тој ќе разговара за соработката меѓу Европската унија и тој регион во областа на надворешната и безбедносната политика, како и за проширувањето на ЕУ.

Тој утре во Виена ќе се сретне со австриски претставници, меѓу кои и со претседателот Александар ван дер Белен.

Како што соопштија од службата за надворешна политика на ЕУ (ЕЕАС), тој в петок ќе присуствува на Европскиот форум во Вахау, каде ќе ја прими европската награда Алојз Мок.

За време на форумот, високиот претставник ќе присуствува на работни состаноци и дискусии со министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг, министрите за надворешни работи од Западен Балкан, претставници на тинк тенкови и граѓански организации.

Билатерално ќе се сретне и со претставници на Западен Балкан.