Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел оцени дека реториката на поделби низ Западен Балкан во 2021 година ги попречи напорите за приближување на регионот до европската иднина. Во новогодишниот блог, во кој се осврна врз најважните настани во минатата година, во врска со надворешната политика на ЕУ, Борел изјави дека тоа особено важи за Босна и Херцеговина.
„Порастот на реториката и акциите за поделба низ Западен Балкан, особено во Босна и Херцеговина, ги попречија напорите за приближување на шесте земји до нивната европска иднина“, вели Борел. Тој, исто така, напиша дека како што се шири хибридниот конфликт, ЕУ мора да продолжи да ги поддржува Украина или Молдавија „во отпорот кон рускиот притисок“ и да одржи „бескомпромисен пристап“ кон Белорусија.
Тој ја дефинираше 2021 година како „година на транзиција“, наведувајќи дека геополитичките промени „се интензивираа со политиката на моќ која постојано ги доведуваше во прашање ЕУ и нејзините вредности“. „Мораме да одговориме со сета решеност што можеме да ја собереме“, смета високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Борел додаде дека пандемијата на коронарниот вирус траела подолго од очекуваното пред една година, наведувајќи дека сојот омикрон повторно бара воведување големи ограничувања. „Сепак, знаеме дека вакцините прават голема разлика. Повеќето Европејци примиле најмалку две дози“, вели тој.