На повидок не гледам можност за мировен договор со Русија предводена од претседателот Владимир Путин и не очекувам „ресетирање“ на односите на Европската Унија со Москва во блиска иднина, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во интервју за „Еурактив Италија“.
– Во далечна иднина, во повоен амбиент, може да има некои промени кога станува збор за односите со Русија, но останува фактот дека војната веројатно ќе продолжи и тешко дека ќе има нормализација во овие околности. Ние како ЕУ имаме црвени линии, рече Борел.
Според него, не можат да се предвидат никакви односи меѓу ЕУ и Русија во услови кога рускиот режим се „гледа себеси во војна со Западот и Европа“.
– Путин јасно кажува дека не отстапува од своите максималистички барања: освојување на Украина и потчинување на украинскиот народ, а можеби има и поголеми амбиции надвор од Украина, вели Борел.
Во однос на можни мировни преговори со Русија, првиот дипломат на ЕУ нагласува дека „добро се познати искуствата во преговори“ со Путин, посочувајќи на разговорите во Минск за прекин на судирите меѓу Киев и проруските сепаратисти во Домбас во 2014 година, кои ги оцени како стапица што и овозможиле на Москва да се подготви за сегашната војна. Затоа, според него, Европа не смее да ги повтори истите грешки.
Говорејќи, пак, за односите меѓу ЕУ и Кина, Борел истакна дека тие во голема мера ќе зависат од тоа како Пекинг ќе се однесува кон конфликтот во Украина и неговите релации со Русија, која Унијата ја смета за главна геополитичка закана.
– Поддршката на Кина на војната на Русија носи последици по односите меѓу ЕУ и Кина. Затоа, сакаме активно да се ангажираме со Кина за да го обесхрабриме нејзиното засилено поврзување со Русија, додаде Борел.
Според него, несомнено е дека политички системи на ЕУ и Кина се различни и дека во тој поглед постои идеолошко ривалство и загриженост за злоупотреби и кршење на човековите права во земјата.
– И покрај јасната реална проценка на состојбите во изминатите пет години, ЕУ останува на цврстата посветеност да продолжи со соработката со Кина, нагласи Борел.
Во врска со истрагата на Европската комисија за кинеските државни субвенции за домашните производители на соларни панели и електричните возила и одлуката на Брисел за воведување на дополнителни увозни давачки за електромобилите произведени во Кина, Борел вели дека ЕУ се обидува да избегне трговска војна со Пекинг, но мора да ја заштити својата индустрија од нелојалната конкуренција.
– Ние не сакаме да ги прекинеме врските меѓу нашите економии, ниту да престанеме да соработуваме со Кинезите за глобалните прашања, за долговите на сиромашните земји и за климатските промени, додаде Борел.
Запрашан за коментар на надворешнополитичките приоритети на двајцата кандидати за американски претседател на ноемвриските избори, Камала Харис и Доналд Трамп и нивното влијание врз Европа, Борел оцени дека е „очигледно оти постојат значајни разлики“ меѓу нив, особено за Украина, мултилатерализмот, климатските промени и НАТО.
– Очигледно, идната администрација на Харис би била многу повеќе усогласена со сегашната политика на ЕУ, вели Борел.
Според него, треба да се види „што ќе донесат изборите во САД“, но дека сепак независно од тоа „Европа треба да се грижи за себе“.
– Мораме да направиме повеќе за да ја обезбедиме нашата сопствена одбрана и економска безбедност, вклучително и развивање на нашата одбранбено-индустриска база, заклучи Борел.