Европската Унија најостро ги осудува експлозиите во иранскиот град Керман, наведе денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во писмената изјава по повод вчерашниот инцидент во кој според последните податоци загинаа 84 лица.
– Овој шокантен чин на терор чинеше животи на невини цивили и многу повредени. ЕУ ја изразува својата солидарност со иранскиот народ. Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства, наведе Борел во кусата изјави, пренесува МИА.
Експлозиите се случија во градот Керман во југоисточниот дел на Иран, во близина на гробот на влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани за време на комеморативната церемонија по повод четвртата годишнина од неговата смрт. Досега никој не презеде одговорност за експлозиите.