Европската Унија остро го осудува одржувањето на руските нелегитимни т. н.
„избори“ во Автономната Република Крим и градот Севастопол и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон во Украина, кои Русија привремено ги окупираше, се вели во денешната реакција на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за регионалните и локалните избори што од 8 до 10 септември беа организирани во Русија и на териториите на Украина под руска контрола.
Тој, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, потенцира дека овие избори во Украина се одржаа во услови на „присилно и незаконско доделување пасоши од страна на Русија, вклучително и на деца, принуден трансфер и депортација, широко распространето и систематско кршење и злоупотреба на човековите права, како и заплашување и зголемена репресија врз украинските граѓани од Русија и нејзините нелегитимно назначени власти на привремено окупираните територии на Украина“, додавајќи дека руското политичкото раководство и оние кои се вклучени во организирањето на изборите ќе се соочат со последиците од овие незаконски активности.