Бразилскиот јавен обвинител Пауло Гонет Бранко поднесе обвинение против поранешниот претседател Жаир Болсонаро за обид за државен удар по неговиот пораз на изборите во 2022 година.

Поранешниот претседател на Бразил во вторникот беше обвинет за надгледување на масовна шема за задржување на власт по поразот на изборите, вклучувајќи еден заговор за поништување на гласањето, распуштање на судовите и зајакнување на војската и друг за планирање атентат на новоизбраниот претседател Инасио Лула да Силва.

Во обвинението од 272 страници се наведува дека Бразил бил многу блиску до враќање во воена диктатура по речиси четири децении.

Болсонаро и 33 други лица, вклучувајќи го и поранешниот шеф на разузнавањето, министерот за одбрана и советникот за национална безбедност, се обвинети за серија злосторства против бразилската демократија.

Обвиненијата во суштина ги усвоија препораките дадени од бразилската федерална полиција во ноември, пишува Њујорк Тајмс.

Случајот сега ќе оди пред Врховниот суд на Бразил, кој ќе одлучи дали ќе нареди апсење на Болсонаро.

Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со затворска казна од 12 до 40 години.

Во интервју минатиот месец, Болсонаро ги негираше обвинувањата дека подготвувал државен удар, велејќи дека правно го оспорил неисправниот изборен систем и истражувал начини во Уставот да го поправи она што тој го смета за „сомнителен резултат“. Неговиот адвокат немаше коментар во вторникот.

Текстот Болсонаро обвинет за обид за државен удар е превземен од МАКФАКС.