Северна Кореја, наводно, истрелала балистичка ракета со среден дострел во морето, а инцидентот се совпадна со посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Сеул во период на политички превирања во Јужна Кореја. Војската на Јужна Кореја соопшти дека проектилот бил лансиран кон исток околу пладне по локално време, кратко откако Блинкен се сретнал со вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја Чои Санг-мок.
На состанокот, Блинкен ја нагласи „непоколебливата“ безбедносна посветеност на Вашингтон кон Јужна Кореја и повика на силна заедничка одбранбена позиција за да се подготват двете земји за потенцијални провокации од Северна Кореја, се вели во официјалното соопштение.
Чои го заменува отповикуваниот претседател Јун Сук Јеол, кој прогласи воена состојба на 3 декември што ја изненади земјата и резултираше со негова суспензија од функцијата на 14 декември.
Прво лансирање за три месеци
Ова е прво лансирање ракета од страна на Пјонгјанг од 5 ноември, кога од областа на источниот брег беа истрелани најмалку седум балистички ракети со краток дострел.
Сè уште не е познато за каков тип на ракета се работи, но минатогодишните севернокорејски IRBM тестирања го одбележаа новиот дизајн на цврсто гориво, а како што соопшти Пјонгјанг, проектилите биле хиперсонични и носеле боева глава дизајнирана да маневрира и да ја избегне ракетната одбрана.
Северна Кореја претходно објави дека работи на развој на сопствени ракети со цврсто гориво со секаков дострел.
Ракетите со цврсто гориво не треба да се напојуваат со гориво непосредно пред лансирањето, често се полесни и побезбедни за ракување и бараат помала логистичка поддршка, што ги прави потешко да се детектираат од оружјето со течно гориво.
Текстот Блинкен пристигна во Сеул, Северна Кореја истрела балистичка ракета е превземен од МАКФАКС.