Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази надеж дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како и ослободување на заложниците кои ги зеде палестинското исламистичко движење во нападот врз еврејската држава на 7 октомври, објавија британските медиуми, пренесува МИА.
Блинкен зборуваше денеска на прес-конференција на Филипините пред уште една турнеја на Блискиот Исток од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
-Ќе разговарам за „вистинската архитектура за траен регионален мир“, рече тој по повод претстојните посети на Саудиска Арабија и Египет.
Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност во храната“.
Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас почнаа вчера во Доха, забележува ДПА.
Дејвид Барнеа, директорот на израелската странска разузнавачка агенција Мосад, пристигна во главниот град на Катар на средби со посредниците.
Блинкен оваа недела ќе го посети Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот, во услови на напорите на Вашингтон да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за да се овозможи ослободување на заложниците земени од палестинската милитантна група.
-Блинкен ќе ги посети Саудиска Арабија и Египет и ќе се сретне со високи претставници од двете земји, соопшти Стејт департментот.
Обезбедувањето поголема хуманитарна помош за Газа, како и разговорот за повоениот план за енклавата, ќе бидат меѓу темите за кои ќе разговара со саудискиот и египетскиот функционер.
Блинкен моментално присуствува на самитот за демократија во Јужна Кореја и ќе се сретне со министерот за надворешни работи и со претседателот на Филипините подоцна денеска.