Поранешниот претседател на ФИФА Сеп Блатер денеска пристигна во швајцарскиот суд на ново судење под обвинение за измама, фалсификување и проневера.
„Имам надеж“, рече Блатер на германски јазик додека полека одеше по скалите кон судницата.
Тој пристигна 10 минути по поранешниот претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Мишел Платини, кој е обвинет во истиот случај.
Блатер и Платини се соочуваат со второ судење речиси три години откако тројца федерални судии ги ослободија од обвиненијата. Обвиненијата се однесуваат на исплата на Блатер од два милиони швајцарски франци на Платини.
Кога федералното обвинителство го објави првичното обвинение во ноември 2021 година, наведе дека исплатата го оштетила имотот на ФИФА и незаконски го збогатила Платини.
Ослободителната пресуда дојде речиси седум години откако беше првпат откриена истрагата, а Блатер и Платини беа отстранети од лидерските позиции во ФИФА и УЕФА. Тогаш заврши кампањата на Платини да го наследи Блатер на чело на светскиот фудбал.
Овој судски процес се очекува да трае до четврток, а пресудата на тричлениот совет е закажана за 25 март.
Блатер и Платини постојано негираа дека сториле нешто лошо. Тие тврдат дека постигнале вербален договор, ФИФА да му плати на Платини за недоговорна работа што го советувал Блатер за време на неговиот прв претседателски мандат од 1998 до 2002 година.
Федералните обвинители побараа казни од 20 месеци, условни на две години.
На Блатер и Платини им се суди повеќе од 14 години по извршената исплата и девет и пол години откако швајцарското Федерално обвинителство официјално отвори истрага.
Деталите за исплатата се појавија по корупцискиот скандал што ја погоди ФИФА во мај 2015 година. Американските федерални истражители започнаа широка истрага против меѓународните фудбалски претставници.
Швајцарските власти во раните утрински часови извршија апсења во хотел во Цирих, а потоа ги запленија финансиските и деловните документи на ФИФА.
Блатер и Платини беа ослободени во јули 2022 година, по 11 дена судење пред швајцарскиот Федерален кривичен суд во Белинцона.
Швајцарското јавно обвинителство и ФИФА поднесоа жалба неколку месеци подоцна, а новото судење беше одложено откако Платини минатата година ја доби пресудата со која се наредува изземање на федералните апелациони судии.
Второто судење започна денеска во зградата на кантоналниот суд, кој работи како федерален трибунал, а ФИФА не е застапувана во судот.
„Каде е ФИФА?“, праша адвокатот на Платини, Доминик Нелен и побара од судот да ја отфрли жалбата на ФИФА и граѓанската тужба.
ФИФА покрена граѓанска тужба за враќање на парите и 229.000 швајцарски франци за такси и платени камати. Платини рече дека ги пријавил парите како приход и платил данок.
Откако беа суспендирани од Етичкиот комитет на ФИФА во октомври 2015 година, ниту Блатер ниту Платини не работеа во фудбалот.
Суспензијата на Платини истече во 2019 година, а ФИФА на Блатер му изрече суспензија во 2021 година, неколку месеци пред истекот на првата суспензија.
Поранешниот претседател на ФИФА е суспендиран од фудбалот до крајот на 2028 година, кога ќе има 92 години, поради етички причини, откако лично додели осумцифрени бонуси за успешната организација на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година и четири години подоцна во Бразил.
Текстот Блатер и Платини на ново судење е превземен од МАКФАКС.