По повод Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, професор д-р Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ пред експертите на НУ Завод и Музеј Битола презентираше Методологија за изработка на 3Д тактилни мапи и слики на културно-историски споменици.


Методологијата е развиена во соработка со м-р Јове Парговски и консултации со д-р Ирена Ружин од НУ Завод и Музеј Битола и Весна Софрониевска од Сојузот на слепи – Битола, а се темели врз дигитализација на постојните културно-историски споменици кои потоа се печатат во 3Д тактилни модели според Стандардот за тактилна графика објавен во 2010 од Брајовата Асоцијација на Северна Америка (BANA).

3Д тактилните модели преку допир можат да ги „гледаат“ слепите лица. Тактилните модели преку NFC и QR технологија се поврзани со апликација за паметни уреди телефони и таблети која содржи наративен опис за објектите и видео на знаковен јазик. Според изработените 3Д модели во наредниот месеци ќе се изработат и модели од метал, за што се обезбедени средства од Европската Унија кои ќе му бидат предадени на Општина Битола за да ги постави пред десетте најзначајни културно-историски споменици, појасни Неделковски.
Со овој проект, Битола ќе биде прв град на Балканот и меѓу првите во Европа што ќе ги направи „видливи“ своите најзначајни културно-историски споменици за слепите лица.
Пристапниот туризам наменет за лица со попречености во Европа и светот се повеќе добива на значење, не само од аспект на креирање инклузивно општество туку како и сериозен извор на приходи, посочи проректорот Неделковски на меѓународниот ден на Музеите.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.