Милијардерот Бил Гејтс го засили својот конфликт со Илон Маск, обвинувајќи го најбогатиот човек во светот за „убивање на најсиромашните деца во светот“ со мерки што ги нарече погрешно насочени намалувања на американската помош за развој, пишува денес „Фајненшл тајмс“.

Коосновачот на „Мајкрософт“, кој најави интензивирање на својата филантропска работа во следните 20 години и затворање на неговата Фондација „Гејтс“ во 2045 година, во едно интервју изјави дека шефот на „Тесла“ се водел од незнаење при дизајнирањето на намалувањата.

Во февруари, Одделот за владина ефикасност на Маск, попознат како DOGE, ефикасно ја затвори Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (USAID), главната федерална институција за доделување американска помош, објавувајќи дека „време е за умирање“.

Гејтс процени дека ненадејните намалувања доведоа до тоа храната и лековите потребни за спасување на човечки животи да го изгубат својот интегритет и употребливост таму каде што се складирани, а може да доведат и до појава на заразни болести како што се сипаници, ХИВ и детска парализа.

„Сликата за најбогатиот човек во светот како ја убива најсиромашната земја во светот не е убава“, рече Гејтс, кој некогаш самиот беше најбогатиот човек во светот.

Гејтс рече дека Маск ја откажал помошта за болница во Мозамбик, која имала за цел да го спречи ширењето на вирусот ХИВ од мајките на нивните деца, и сето тоа со погрешно верување дека САД снабдуваат кондоми за Хамас во Појасот Газа на Блискиот Исток.

„Сакам сега да оди и да се сретне со тие деца кои добија ХИВ, бидејќи им ги прекина парите“, рече Гејтс.

Овој 69-годишен филантроп вчера објави план да го даде буквално целото свое богатство во текот на следните 20 години, во кои периоди, според неговата идеја, Фондацијата Гејтс ќе потроши повеќе од 200 милијарди долари за глобално здравство, развој и образование. Во изминатите 25 години, фондацијата издвои околу 100 милијарди долари за оваа намена.

Фондацијата ќе биде затворена во 2045 година, неколку децении порано од планираниот датум.

Според Гејтс, причината за забрзаната испорака е да се постигне максимален ефект со потенцијал да се пронајдат средства за дефинитивно справување со заразни болести како што се детската парализа и ХИВ.