Три лица, родени во 2001, 2002, 2007 година, беа уапсени денес во Белгија под сомнение за планирање терористички напад инспириран од радикален ислам, објави федералната обвинителка Ан Францен на вонредна прес-конференција, а локалните медиуми објавија дека белгискиот премиер Барт де Вевер бил цел на нападот.
„Тие беа лишени од слобода како дел од истрагата за обид за терористичко убиство и учество во активностите на терористичка група“, рече Францен, објави Фламанската радио-телевизија (VRT).
Како што дознава VRT, цел на нападот требало да бидат белгиски политичари, вклучувајќи го и белгискиот премиер Барт де Вевер.
За време на претресот на станот на еден од осомничените, федералната полиција пронашла рачно изработена експлозивна направа што личи на импровизирана експлозивна направа (IED), како и торба со челични топчиња, а според првичните информации, експлозивот не бил активиран.
Кај вториот осомничен е пронајден 3Д печатач, за кој се верува дека е користен за изработка на делови од експлозивна направа.
Исто така, постојат докази дека осомничените планирале да користат дрон за носење експлозиви.
Двајца осомничени биле испрашувани во седиштето на федералната полиција во Антверпен и ќе бидат изведени пред истражен судија, додека третото лице беше ослободено во текот на денот, пренесуваат медиумите.
Белгискиот министер за правда, Анелис Верлинден, изјави дека овој случај „ги погодува темелите на белгиската демократија“ и ја пофали брзата и решителна реакција на обвинителството и полициските служби.
Фото: принтскрин
Текстот Белгискиот премиер цел на терористички напад: уапсени три лица е превземен од МАКФАКС.