Белгискиот премиер Барт Де Вевер изјави вчера по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел дека заплената на речиси 200 милијарди евра замрзнати руски средства од Европа ќе биде „акт на војна“. Тој исто така предупреди дека таквиот потег ќе претставува „ризик за целиот светски финансиски систем“ и ќе предизвика „одмазда од Москва“, пренесува Политико.

Предупредувањето на Де Вевер дојде во време кога европските земји како Франција, Обединетото Кралство и Шпанија се повеќе размислуваат за запленување на руските средства кои беа замрзнати кога претседателот Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Тие имаат за цел да ги искористат средствата за зајакнување на одбраната на Украина и зголемување на преговарачката моќ на Киев во идните мировни преговори со Русија.

Белгија е од особен интерес бидејќи најголем дел од замрзнатите руски средства во Европа ги држи Euroclear, финансиска институција со седиште во Брисел.

Властите стравуваат дека предавањето на тие средства на Украина ќе го изложи Euroclear на дополнителни тужби. Во моментов, компанијата е вклучена во неколку судски случаи, при што некои случаи се разгледуваат во судовите на Русија, каде што се обидува да го оспори замрзнувањето на имотот и да бара надомест на штета, пренесува медиумот.

„Не живееме во свет на фантазии. Во реалниот свет, ако некому земете 200 милијарди евра, тоа ќе има последици“, вели Де Вевер.

Минатата година земјите од Г7 постигнаа договор дека наместо самиот имот, приходот што го генерира ќе го искористат за издавање заем на Украина во вредност од 50 милијарди евра.

Сепак, некои земји сега се залагаат за порадикален пристап. На почетокот на март, француските пратеници поддржаа необврзувачка резолуција со која се повикува ЕУ да ги заплени руските средства и да ги искористи за помош на Украина. И Шпанија ја поддржа идејата на затворениот состанок на лидерите на ЕУ.

„Не можеме да ги претставиме средствата како „касичка“ на Путин што можете едноставно да го скршите со чекан и да ги потрошите парите на што сакате бидејќи реалноста не е толку едноставна“, рече Де Вевер.

Текстот Белгискиот премиер: Конфискацијата на замрзнатите руски средства е чин на војна е превземен од МАКФАКС.