Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит ги демантираше тврдењата дека американскиот претседател Доналд Трамп му дал ултиматум на украинскиот претседател Володимир Зеленски до крајот на денот да го прифати постоечкиот предлог за мировен договор, во спротивно САД ќе се повлечат од преговорите.

„Не, не до крајот на денешниот ден“, рече Левит.

Сепак, Левит потврди дека Трамп е сè пофрустриран од ситуацијата и дека сака да го види крајот на овој конфликт.

Таа додаде дека Зеленски оди во погрешна насока кога се во прашање мировните преговори и дека се обидува да ги води преговорите преку медиумите, што е неприфатливо за претседателот.

„Неговото трпение е при крај“, рече Левит, мислејќи на Трамп.

Претходно денеска, Трамп го обвини Зеленски дека ја продолжува војната со своите запаливи изјави, откако украинскиот претседател рече дека неговата земја правно нема да ја признае окупацијата на Крим.