Директорката на Клиниката за гинекологија Викторија Јовановска најави формирање посебна комисија на гинеколошкото одделение која темелно ќе го разгледа случајот со новороденчето на семејството Дамјановски и ќе ги испита причините како дошло до скршеницата на раката кај бебето.
Родителите претходно во изјава за порталот „Скопје1“ тврдеа дека персоналот се обидувал да го прикрие случајот како и дека не им било дозволувано да го видат своето дете.
Јовановска тврди дека биле запазени сите медицински протоколи и според неа, во периодот на набљудување стандардна процедура е да не се откриваат информации во реално време на родителите.
Родилката Анета Дамјановска, која била породена на 31 декември не можела да си го види бебето бидејќи докторите не и дозволувале. Нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски посочува дека бил избркан од Клиниката за гинекологија и акушерство кога, како и сите родители, побарал да си го види своето бебе. Според неговите кажувања, по низа инсистирања, само мајката успеала да отиде кај бебето, кога и било и кажано дека тоа има скршена рака.
Според Јовановска причина била лошата поставеност на бебето и дека во таква ситуација станува збор за предвидена компликација која не се случува често.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.