Тим специјалисти во Универзитетската болница во Магдебург, Германија, успешно лекуваа бебе родено 16 недели предвреме, со тежина од само 300 грама, а детето сега е здраво и добро се развива, се вели во соопштението на болницата.

Семејството одлучи да остане анонимно, па болницата не објави кога се случило раѓањето на бебето.

Перинаталниот центар, предводен од главниот лекар д-р Ралф Бетгер, е специјализиран за грижа за предвреме родени бебиња уште во 23-тата недела од бременоста. Мултидисциплинарен тим од лекари, терапевти и медицински сестри ги следи децата и нивните семејства од првиот ден.

Лекувањето на новороденче со тежина од само 300 грама претставува огромен предизвик за медицинскиот тим и опремата.

„Вентилацијата, интравенската исхрана и заштитата на чувствителната кожа и органи бараат исклучително прецизен и внимателен пристап. Детето беше на вештачка вентилација седум недели пред да може само да дише“, објасни д-р Бетгер.

Семејството конечно можеше да си оди дома девет недели по проценетиот термин за раѓање. И покрај тоа што се роди екстремно рано, бебето немаше сериозни компликации. Промените на мрежницата, кои се чести кај предвремено родените бебиња, беа успешно третирани со лекови и не беа потребни визуелни помагала.

Во текот на целиот престој во болница, родителите беа тесно вклучени во грижата за да се поттикне поврзувањето со детето и да се зголеми нивната самодоверба. Болничкиот тим нагласува дека таквата посветеност од родителите барала многу време и енергија, но била неопходна за закрепнување. Поддршката на тимот за семејството продолжила и по отпуштањето, во нивниот дом.

Со родилна тежина од само 300 грама, стапката на преживување во светот е околу 25 проценти. Затоа, позитивниот исход од овој случај е импресивен доказ дека долгогодишното искуство, најсовремената технологија и интензивното вклучување на родителите можат да спасат животи.

Универзитетската болница во Магдебург е посветена на највисоките стандарди за квалитет во перинаталната нега. Како еден од водечките центри во Германија со исклучително високи стапки на преживување за најмалите предвреме родени бебиња, болницата планира дополнително да ја прошири својата експертиза преку регионална соработка и развој на телемедицински услуги.

фото: принтскрин

Текстот Бебе во Германија се роди со тежина од 300 грама: преживеа е превземен од МАКФАКС.