Белата куќа објави изјава од претседателот Џо Бајден по повод навршувањето на една година руски затвор на новинарот на Волстрит џурнал, Иван Гершкович.
-Новинарството не е злосторство и Иван замина за Русија да ја врши својата работа на известувач со ризик за неговата безбедност за да се открие вистината за жестоката агресија на Русија против Укаина. Веднаш по неговото неправедно и незаконско задржување тој од затворот испрати писмо до своето семејство, изјави претседателот на САД.
Во писмото новинарот напишал дека „не губи надеж“.
-Како што им кажав на родителите на Иван, јас исто така не губам надеж. Ќе работиме секојдневно да издејствуваме негово ослободуање, рече Бајден.
Тој вети дека САД и понатаму ќе ги осудуваат и ќе воведуваат мерки „за обидите на Русија да ги користи Американците како монети за размена“.
Гершкович беше задржан лани во март. Оттогаш е сè уште во притвор и чека судење по обвинение за шпионажа, што е категорично отфрлено од него, неговиот работодавач и владата на САД.
Во случај да биде прогласен за виновен, тој може да биде осуден на 20 години затвор.