Претседателот Џо Бајден е позитивен на Ковид-19, јавуваат светските медиуми, пренесува „Мета“. Бајден (81) имал благи симптоми и ја примил првата доза од антивирусниот лек Паксловид, информирал неговиот лекар.
„Се чувствувам добро“, изјавил Бајден, кој е целосно вакциниран, вчера на новинарите во Лас Вегас, пред да се упати кон неговата резиденција во Делавер. Претседателот ќе се самоизолира таму во согласност со упатствата на американските центри за контрола и превенција на болести.
Бајден и неговите советници посочија на честите настани како дел од изборната кампања дека се доказ за неговата енергичност како најверојатен кандидат на Демократската партија, што е обид да се намалат растечките сомневања во партијата.
Не е јасно каде и кога претседателот се заразил со Ковид-19. Но, како што пишуваат светските медиуми, ненадејната дијагноза ќе го стави зад затворени врати во време кога демократските пратеници бараат да го видат надвор претседателскиот кандидат.
Ова не е првпат на претседателот на САД да му биде дијагностициран ковид-19. Тој беше заразен два пати во 2022 година.