Американскиот претседател, Џо Бајден, ќе оствари кратка посета на Велика Британија во која ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак и ќе разговара со кралот Чарлс за климатските промени пред самитот на НАТО.
Белата куќа соопшти дека целта на посетата е дополнително зајакнување на блиските односи меѓу двете земји. Бајден утре ќе ја посети Даунинг стрит за да одржи средба со Сунак, нивна петта во последните неколку месеци и само еден месец откако во Вашингтон се договорија за „Атлантската декларација“ и заедничката работа на напредните технологии, чистата енергија и клучните минерали.
Портпаролот на Сунак рече дека нивните разговори најверојатно ќе го вклучат претстојниот самит на НАТО и Украина.
„Додека се соочуваме со невидени нови предизвици за нашата физичка и економска безбедност, нашите сојузи се поважни од кога било“, рече Сунак во изјавата објавена од неговата канцеларија вчера.
„Обединетото Кралство е водечки сојузник на Европа во НАТО, ние сме најважниот трговски, одбранбен и дипломатски партнер на Соединетите држави и го водиме патот во обезбедувањето на Украина со поддршката што и е потребна за да успее на бојното поле“, рече Сунак.
Сунак се обидува да ги поправи врските со Бајден откако односите се влошија во времето на неговите претходници Борис Џонсон и Лиз Трас поради нивниот цврст став за договорот со Европската унија по Брегзит и поблиските врски на Џонсон со Доналд Трамп.
Бајден ќе го посети и кралот Чарлс во замокот Виндзор западно од Лондон, каде што покојната мајка на монархот, кралицата Елизабета беше домаќин на Барак Обама во 2016 година и на Трамп во 2018 година.
Претседателот и кралот треба да разговараат за климатските прашања, тема на која кралот (74) води кампања повеќе од пет децении.
Кога двајцата се сретнаа на климатскиот самит на ОН COP26 во Шкотска пред две години, Бајден го пофали неговото лидерство по ова прашање, велејќи му: „Многу ни требаш“. „Многу е љубезно од твојата страна да го кажеш тоа“.
По средбата, Бајден и Сунак ќе отпатуваат за Литванија, каде што лидерите на НАТО ќе се соберат на клучниот самит. Потоа се очекува Бајден да отпатува во Хелсинки на средба со нордиските лидери.