Американскиот претседател Џо Бајден го овласти Пентагон да испрати до 3 000 резервисти на американската армија во Европа, соопшти Белата куќа, пренесува Танјуг.
„Го овластувам државниот секретар, секретарот за домашна безбедност и крајбрежната стража, кога таа не делува како служба во морнарицата, да им наредат активна служба на секоја единица или поединец кои не се распоредени на ниту една должност, да бидат во служба на американската команда во Европа. Тој број не треба да надминува 3 000 војници“, навел Бајден.
Од оваа бројка, исто така, ќе бидат распоредени околу 450 припадници од поединечните резервни сили за USEUCOM (Европска команда на САД).
Одлуката доаѓа по европската турнеја на Бајден оваа недела, во која тој ги посети Велика Британија и Финска, а меѓу двете посети, присуствуваше и на самитот на НАТО во Литванија.