Белата куќа денеска ја објави изјавата на претседателот Бајден по повод Меѓународниот ден против исламофобијата.
„Признаваме дека муслиманите премногу често се соочуваат со насилство и омраза поради нивните религиозни убедувања и дека има опасно обновување на исламофобијата од почетокот на разорната војна во Газа. И, повторно се посветуваме на изградбата на свет каде што луѓето од сите вери и од сите потекла се слободни да живеат без страв од прогонство“, напиша Бајден во својата изјава.
Тој додаде дека исламофобијата нема место во САД, но и дека сепак муслиманите во Соединетите Држави често трпат бесрамна дискриминација, вознемирување и насилство во текот на нивниот секојдневен живот.
Американската администрација формираше меѓуагенциски политички комитет за да се спротивстави на антисемитизмот, исламофобијата и сродните форми на пристрасност и дискриминација. Во моментов се подготвува и првата Национална стратегија за борба против исламофобијата и сродните форми на пристрасност и дискриминација.
Целта на оваа стратегија е да се мобилизираат напорите на целото општество за да се спротивстави на сите форми на омраза, дискриминација и пристрасност против муслиманските и останатите заедници и да се подигне свеста за нивното наследство и непроценливиот придонес кон американската нација.
„Едноставно кажано, преземаме конкретни чекори за да го оствариме ветувањето на Америка за сите Американци: дека сите сме создадени еднакви и дека заслужуваме да бидеме подеднакво третирани во текот на нашите животи“ заклучи Бајден.
Марта Пешевска