Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигнува во Франција, каде ќе се одржат комеморации по повод „Денот Д“- слетувањето на сојузниците на 6 јуни 1944 година во Нормандија, каде неговиот домаќин Емануел Макрон сака да го покаже единството на Запад околу војната во Украина.
Бајден утринава треба да пристигне во Париз, а потоа ќе се приклучи на комеморацијата на 80-годишнината од сојузничкото истоварување на плажите на Нормандија, на која ќе присуствуваат и кралот Чарлс III, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот претседател Серџо Матарела и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Белата куќа потврди дека Бајден ќе се сретне и со шефот на украинската држава.
Предвидено е Бајден да зборува на официјалните церемонии на плажите во Јута и Омаха каде што „73.000 храбри Американци слетаа за да го отворат патот за ослободување на Франција и Европа“, соопшти Белата куќа.
Почнувајќи од понеделникот, околу педесет американски ветерани, од кои некои учествуваа во слетувањето на 6 јуни 1944 година, слетаа на аеродромот Довил во Нормандија за да присуствуваат на свеченостите.
„Добредојде за хероите во Франција“, напиша францускиот претседател во вторникот на X.
Русија, која беше поканета пред една деценија на 70-годишнината од истоварувањето како поранешен сојузник против нацистичка Германија, сега е официјално исклучена од церемониите поради нејзината инвазија на Украина.
Кабинетот на францускиот претседател не ја крие желбата да го покаже единството на Западот во време кога Европа ја погодува нова војна. Конкретно, Макрон мора да ги разјасни своите намери во врска со можното испраќање воени инструктори во Украина.