Враќањето на Земјата на двајцата астронаути на американската вселенска агенција НАСА, кои моментално се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица, повторно е одложено, соопшти НАСА.

Сунита Вилијамс и Бери Вилмор се заглавени на Меѓународната вселенска станица од јуни поради технички проблеми со вселенското летало Старлајнер. Двајцата требаше да останат таму само околу една недела.

НАСА тогаш објави дека треба да се вратат во февруари 2025 година, но агенцијата сега соопшти дека лансирањето на нивните замени е одложено.

„Спејс Икс Кру-10 на НАСА сега има за цел да лансира вселенско летало со четири членови на екипажот до Меѓународната вселенска станица (ISS) најдоцна до крајот на март 2025 година“, се вели во соопштението на американската вселенска агенција.

„Презакажувањето им дава време на тимовите на НАСА и Спејс Икс да ги завршат сите подготовки за лансирање на новото вселенско летало „Драгон“ за таа мисија.

Мисијата „Кру-9“, која ги вклучува Вилијамс и Вилмор, ќе се врати по пристигнувањето на мисијата „Кру-10“.

„Познат како период на предавање, овој временски интервал му овозможува на стариот екипаж да ги сподели сите научени лекции со новопристигнатиот екипаж и подобро да го префрли научното истражување и одржување во вселенскиот комплекс“, објави НАСА.

Две летала за снабдување неодамна пристигнаа на ISS, а вселенската станица е добро опремена со се што му треба на екипажот, вклучувајќи храна, вода, облека и кислород, според НАСА.

Текстот Астронаути на НАСА заглавија во вселената пред половина година, нивното враќање повторно одложено е превземен од МАКФАКС.