Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, денес изјави дека земјата ќе одговори на „нелегалниот потег“ на Велика Британија, Франција и Германија (Е3), кои го иницираа механизмот за повторно воведување на санкциите на ОН врз Техеран поради неговата нуклеарна програма. Според агенцијата Тасним, шефовите на дипломатиите на Е3 го информирале Аракчи за одлуката за покренување на овој механизам и изразиле подготвеност наскоро да најдат решение што ќе спречи понатамошни чекори кон воведување санкции.

Аракчи изјавил дека оваа одлука на европските земји е „неоправдана, нелегална и нема правна основа“, велејќи дека Иран ќе одговори на овој потег за да ги заштити и обезбеди своите национални права и интереси во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година и меѓународното право.

Иранскиот дипломат ја повика Е3 да усвои „одговорен пристап“ кон ситуацијата и да го исправи овој „погрешен потег“.

Земјите од Е3 претходно денес соопштија дека одлучиле да го активираат таканаречениот механизам за повлекување на санкциите пред да ја изгубат можноста да ги обноват санкциите врз Техеран кон средината на октомври, кои беа укинати според нуклеарниот договор од 2015 година.

Овие три земји понудија да ги одложат санкциите за период до шест месеци со цел да се овозможат сериозни преговори, доколку Иран продолжи со целосни инспекции на ОН и започне разговори со САД, пренесува Танјуг.

Фото: принтскрин

Текстот Аракчи: Иран ќе одговори на повторното воведување на санкции е превземен од МАКФАКС.