Апсењето на Павел Дуров ги успаничи руските пропагандисти и предизвика онлајн хистерија во Северна Македонија

Апсењето на извршниот директор и ко-основач на Телеграм, Павел Дуров, испрати бранови на паника и загриженост низ Русија, од онлајн воени коментатори сè до ходниците во самиот Кремљ.

„Тие практично го приведоа шефот за комуникација на руската армија“, рече еден руски провоен воен блогер во објава на Телеграм, пренесува Кијив Индипендент.

Дуров, кој  беше уапсен на аеродромот Ле Бурже на периферијата на Париз на 24 август, откако слета со својот приватен авион, на 28 август беше обвинет од францускиот суд за соучесништво во дистрибуција на детска порнографија и други кривични дела, како што е трговија со дрога, преку апликацијата за пораки што ја создал.

Во соопштението на 25 август, од Телеграм изјавија дека е „апсурдно да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик е одговорен за злоупотреба на таа платформа“.

И фактот дека извршниот директор на технолошка компанија на која руската војска многу се потпира во однос на комуникациите, сега го чека судењето во Париз, не му одговара на Кремљ и на оние кои го поддржуваат.

Според независниот руски медиум Медуза, повеќето дивизии на руската армија користат Телеграма за да разговараат за логистичките потреби, иако неговата употреба на фронтот е поретко поради недостаток на доволно интернет покриеност.

И украинскиот пратеник Микола Књажицки тврди дека дури и координацијата на масовните руски ракетни напади и регрутирањето на диверзанти во Украина се спроведува на Телеграм.

Во објава на апликацијата, една од главните пропагандисти на Кремљ, Маргарита Симонјан го изрази главниот страв – Дуров може да обезбеди пристап до западните власти до денес од платформата.

„Дуров е затворен за да ги добијат кодовите. И тој ќе ги даде“, рече Симонјан. „Секој кој е навикнат да ја користи платформата за чувствителни разговори треба да ги избрише тие разговори веднаш и да не го прави тоа повторно.

Рускиот телеграмски канал Baza на 25 август објави дека слична наредба била издадена од Кремљ.

„Таква наредба дошла до вработените во голем број агенции за спроведување на законот, како и до претставници на претседателската администрација и руската влада“, се вели во соопштението.

Покрај тоа, според изворите, такви инструкции добиле и највисоките чинови на руското Министерство за одбрана, како и на некои бизнисмени.

Се разбира, тоа што ја поттикнува оваа загриженост кај Русите е верувањето дека апсењето на Дуров има помалку врска со трговијата со дрога и детска порнографија, а повеќе е матен напор на западните земји да се инфилтрираат во комуникациите на највисоките нивоа на руската војска и влада.

„Апсењето (на Дуров) може да има политичка основа и да биде алатка за добивање пристап до личните информации на корисниците на Телеграм“, рече на 25 август Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума.

„Тоа не може да се дозволи. Доколку француските власти одбијат да го ослободат Павел Дуров од притвор, предлагам да вложиме максимални напори за да го преместиме во ОАЕ или во Руската Федерација. Се разбира, со негова согласност“, додаде Даванков.

Францускиот претседател Емануел Макрон на 26 август инсистираше на тоа дека апсењето на Дуров „во никој случај не е политичка одлука“.

Тој рече дека сега има „лажни информации во врска со Франција“ кои кружат по апсењето на Дуров, додавајќи:

„Франција е длабоко посветена на слободата на изразување и комуникација, на иновациите и на духот на претприемништвото. Така и ќе остане“.

Сепак, иако сомнежот за поголем заговор на Западот можеби е неоснован, апсењето на Дуров покрена легитимни критики за употребата на апликацијата од страна на руската војска наместо да развива сопствен комуникациски систем.

„Жално е што по две години војна, нема ништо што може да го замени Телеграм во однос на комуникацијата со војниците“, се пожали еден руски воен блогер.

Еден од најпопуларните руски милблогери, Рибар, рече дека би било „многу тажно и во исто време смешно“ ако апсењето на Дуров биде катализатор за промени, наместо „проблеми од чисто воена природа што се акумулираа во текот на две години. ”

А според друг, руските техничари работеле на алтернатива, но армијата „не покажала вистински интерес“ за нејзино пуштање.

Во Украина, обвиненијата против Дуров повторно ја поттикнаа јавната дебата за безбедноста на Телеграм. Некои активисти и функционери долго време алармираат за фактот дека додека земјата преживува целосна инвазија од Русија, нејзината најпопуларна апликација за пораки и извор на вести е платформа основана и управувана од Русин.

Популарноста на Телеграм  во Украина вртоглаво порасна по почетокот на инвазијата во 2022 година – особено поради неговите анонимни канали кои масовно шират (дез)информации до претплатниците додека ја зачувуваат целосната анонимност на издавачот.

Во Северна Македонија апсењето на Дуров предизвика своевидна онлајн хистерија на социјалните мрежи проследена со објави во кои се пропагира рускиот наратив дека обвинението против Дуров е обид на Западот за цензура и ограничување на слободата на говорот.

Неговото апсење се споредува со Орвеловата 1984, со агонијата на Асанж и на Сноуден, и со замолчувањето на „плејада активисти и новинари“ каде професорката и претседателски кандидат на Левица, Билјана Ванковска ги вбројува контроверзните ликови, блиски до политиката на Кремљ кои шират руски пропагандни наративи и дезинформации, Такер Карлсон и Скот Ритер, дури и со Сократ, кого го погубија заради слободата на мислата и „расипувањето на младината“, заклучувајчи на крајот дека ова што сега го живееме е без преседан. Западот тоне – на чело со САД и Велика Британија.

Говорењето станува поопасно од одење по минско поле, заклучува претседателската кандидатка на Левица, во духот на најголемата руска пропагандистка Маргарита Симонјан, заборавајќи при тоа, и таа, а и останатите бранители на ликот и делото на извршниот директор на Телеграм, да се осврнат на слободата на говорот во путинова Русија и колку жртви, и буквално, паднаа поради тоа што се одважија да искажат спротивставено мислење со политиката на Кремљ.

Драган Мишев