Со громогласен аплауз и на нозе беше поздравен еден од омилените актери и комичари во регионот Драган Маринковиќ-Маца, кој синоќа настапи со претставата „Каква ти е сопругата – таков си и ти“, во продукција на „Златен заб“ на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Публиката во салата на НУ Центар за култура Крива Паланка беше воодушевена од оригиналната актерска игра на познатиот и харизматичен Маца, се смееше на неговите шеговити реплики за вечната тема за бракот и машко-женските односи, но поттикна и размислување за смислата на животот.
Маца поентираше со пораката дека годините не смеат да се потрошат залудно, за да немаш со кого да се вратиш назад или со кого да продолжиш напред, нагласувајќи дека во животот не постои ништо важно, освен љубовта.
Тој ја поздрави кривопаланечката публика и изрази големо задоволство од гостувањето на театарскиот фестивал и престојот во Крива Паланка.
„Првпат сум во Крива Паланка, знам дека сте Град на културата, а со години слушам дека овде гостуваат многу мои колеги- актери, музички ѕвезди и уметници и постојано се прашував: „Боже колкава е таа Крива Паланка?“ Целосен респект што ја сакате уметноста и што уживате во неа. Ви посакувам уште многу фестивали“, порача Маринковиќ.
Вечерва, на шестата фестивалска вечер на МТФ„ Св. Јоаким Осоговски“ настапува Народниот театар„Стерија“ од збратимениот град Вршац, Србија, со претставата „Симпатија и антипатија“.
Текстот Аплаузи и овации за познатиот актер и комичар Драган Маринковиќ – Маца во Крива Паланка е превземен од МАКФАКС.