Според пишувањето на порталот „Le10sport“, кој ги сумираше информациите од повеќе извори, седуммина би можеле да го напуштат Реал Мадрид ова лето доколку сезоната заврши како целосен дебакл, односно доколку Реал не стане шпански или европски шампион.

Реал во Ла Лига заостанува четири бода зад првопласираната Барселона, а во Лигата на шампионите загубија со 3:0 од Арсенал во првиот четвртфинален натпревар.

Шпанските медиуми почнаа да ја анализираат ситуацијата, а некои тврдат дека се подготвува голема чистка. Седум имиња би можеле да го напуштат клубот.

Листата ја предводат тренерот Карло Анчелоти, капитенот Лука Модриќ и неговиот заменик Лукас Васкез. Според Шпанците во Реал повеќе нема место и за Давид Алаба, Едуард Камавинга, Арда Гулер и Аурелиен Чоамени.

Информациите се засноваат на вести објавени во изминатите неколку недели. Јасно е дека Реал Мадрид ќе направи сериозни промени во тимот доколку резултатите се разочарувачки, но тешко е да се очекува дека сите споменати играчи ќе си заминат.

Некои од нив имаат повеќегодишни договори, а во последните изјави истакнаа дека сакаат да останат во клубот. Во вакви ситуации Реал Мадрид доследно го почитува договорот со играчите. Договорите се потпишуваат на одреден период и доколку играчот не сака да замине и одлучи да остане до крајот на договорот, клубот никогаш не го принудува да го напушти.

Во последните неколку години имаше такви примери, како Маријано Дијаз и Хесус Ваљехо, кои и покрај тоа што не беа во плановите на тренерот, продолжија без проблеми да тренираат и да работат со остатокот од тимот.

Текстот Анчелоти, Модриќ уште петмина фудбалери ќе го напуштат Реал е превземен од МАКФАКС.