Англиската Премиер лига, заедно со шпанската Ла Лига, обезбедија пет места во Лигата на шампионите за сезоната 2025/26 поради најдобриот коефициент на УЕФА.

Во новиот систем на натпреварување, откако Лигата на шампионите беше проширена од 32 на 36 клуба, две дополнителни места секоја сезона одат во лигите со најдобар коефициент.

Минатата година, Болоња и Борусија Дортмунд профитираа од ова правило, и како петти во Серија А и Бундеслигата, добија директен премин во елитата.

Сега англиската и шпанската лига добија право на пет претставници, а како што стојат работите, Англија ќе има дури шест во Лигата на шампионите следната сезона.

Познато е дека победникот од Лигата на Европа оди директно во Лигата на шампионите, а би морало да се случи вистинско чудо за да не се сретнат Манчестер Јунајтед и Тотенхем во финалето на тоа натпреварување.

Јунајтед го победи Атлетик со 3:0 во првиот натпревар од полуфиналето синоќа во Билбао, додека Тотенхем го победи Боде/Глимт со 3:1 во Лондон. Реваншите ќе се играат следниот четврток.

Во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед е 14-ти на табелата, додека Тотенхем е на 16-та позиција и јасно е дека не можат да ја завршат сезоната во првите пет екипи, па тоа ѝ отвора пат на Англија да испише историја со шест клуба во Лигата на шампионите.

Финалето на Лигата на Европа ќе се игра на 21 мај во Билбао.

Текстот Англија ќе има шест претставници во Лигата на шампионите е превземен од МАКФАКС.