реклама

 Според истражување на британската консултантска компанија „Паблик фрст“ (Public First), поголем број родители веќе не сметаат дека нивните деца мора да одат на училиште секој ден. Компанијата наведува дека за време на пандемијата на Ковид-19 дошло до драстична промена во поглед на ставовите за редовното присуство на наставата.

„По Ковид пандемијата, родителите веќе не размислуваат на тој начин… Наместо тоа, тие гледаат на одењето на училиште како опција, во смисла на похолистички пристап кон секојдневниот живот“, се наведува во испитувањето.

реклама

Во Англија сè повеќе деца отсуствуваат од училиште. Пред пандемијата, поголем број родители верувале дека редовното одење на предавање е основен признак за добро, примерно родителство. Во јуни и јули оваа година, истражувачите имале осум фокус групи од различни места во Англија со родители на деца на училишна возраст. Според испитувањето, во раст е и бројот на родители кои ги однеле децата на одмор во текот на училишната година, што дел од родителите-испитаници го сметаат за општествено прифатливо. 

– Пред пандемијата бев сосредоточена на тоа моите деца да одат на училиште. Присуството на часови за нас беше „голема работа“. Образованието беше главното. По времето на Ковид, нема да лажам – не ми е толку важно дали децата секој ден се на училиште. Животот е прекраток, изјави мајка на две деца од Манчестер.

реклама

Оваа пролет, за еден училиштен ден земен како пример, надлежните пријавиле дека околу 24.700 деца не биле на училиште, објави „Скај њуз“.

Од друга страна, Џеф Бартон, генерален секретар на Здружението на раководители на училишта и колеџи (АСЦЛ), нагласи дека отсуството од училиштe е голем проблем.

реклама

– Да истакнеме дека се работи за малцинство меѓу родителите. Повеќето сепак ја разбираат важноста на образованието и сфаќаат дека детето не може да го научи материјалот ако не е присутно на час… По пандемијата, некои родители веќе не веруваат дека редовното посетување е од суштинско значење. Се чини дека не гледаат како пропуштањето на училиште може да ги загрози образовните резултати на нивното дете, додаде Бартон.

Над една петтина (22,3 отсто) од учениците во Англија биле „упорно отсутни“ од часовите во учебната 2022/23 година, што значи дека пропуштиле најмалку 10 отсто од наставата.

реклама