Борбен авион Ј-10 од кинеско производство, кој им припаѓал на пакистанските воздухопловни сили, собори најмалку два индиски воени авиони, потврдија за Ројтерс двајца американски претставници. Ова е важна пресвртница за кинеската воена технологија.
Портпаролот на индиските воздухопловни сили одби да ги коментира обвинувањата кога беше прашан за извештајот на Ројтерс.
Според американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, Пакистан користел кинески Ј-10 за лансирање ракети воздух-воздух против индиски борбени авиони, соборувајќи најмалку два. Друг официјален претставник додаде дека еден од погодените авиони бил француски борбен авион „Рафал“ што Индија неодамна го вклучи во својата флота.
И двајцата потврдија дека пакистанските авиони Ф-16 од американско производство не биле употребени во нападот.
Во изјава за Ројтерс еден ден по нападот, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека Пакистан користел Ј-10 за да собори три француски „Рафали“. Тој нагласи дека станува збор за авиони што Индија неодамна ги набави. Според пакистанската верзија на настаните, вкупно пет индиски борбени авиони биле соборени во воздушната борба.
Иако Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на локални претставници во Индија, дека во инцидентот биле соборени три индиски авиони, ова е прва западна потврда дека во нападот биле користени пакистански авиони произведени во Кина.
Индиската влада не ја призна загубата на ниту еден авион. Наместо тоа, објави дека нејзините воздухопловни сили извршиле успешни напади врз она што го нарекоа „терористичка инфраструктура“ во Пакистан.
Инцидентот се случува во време на сериозни тензии меѓу Индија и Пакистан, две нуклеарни држави кои веќе водеа три војни и бројни помали конфликти. САД, Русија, Кина и другите светски сили ги повикаа двете страни на воздржаност.
Текстот Американци: Вистина е, Пакистан собори индиски „Рафал“ со авион од кинеско производство е превземен од МАКФАКС.