Климатските промени ќе принудат многу животни да ги напуштат своите постојни екосистеми во области погодни за живеење, каде нивното мешање со други животински видови во голема мера ќе го зголеми ризикот од взаемно пренесување на вируси и појава на нови, покажаа резултатите од новата студија.
Во исто време, ризикот од нови болести потенцијално преносливи на луѓето се зголемува, а може да претстои уште една пандемија, предупредија американските научници.
Врз основа на студиите на сегашните климатски модели, податоците за уништувањето на природните живеалишта и начинот на кој вирусите минуваат од еден вид на друг, научниците укажуваат на уште помрачна проекција на иднината до 2070 година за планетата на која живееме.
И таа траекторија се чини дека е неповратна, дури и ако зголемувањето на температурата е ограничено на 2 степени Целзиусови, според авторите од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон кои ги објавија резултатите од студијата во списанието Nature.
Во моментов постојат најмалку 10.000 познати вируси во светот кои можат да преминат од животните на луѓето и кои тивко циркулираат меѓу дивите цицачи, главно во длабочините на тропските шуми, покажуваат нивните истражувања.
Зголемените температури можат да ги принудуваат овие цицачи да ги напуштат своите родни живеалишта, а во попогодни, постудени области за прв пат ќе се сретнат со други животински видови, што ќе овозможи најмалку 15.000 нови вируси да можат да преминат од животно на животно до 2070 година, предвидуваат експертите.
Овој процес веројатно веќе е започнат и ќе продолжи дури и ако светот наскоро успее да ги намали емисиите на јаглерод. Научниците истакнуваат дека претставува голема закана за животните и луѓето.
„Имаме докази за нови и потенцијално деструктивни механизми на болести кои би можеле да го загрозат здравјето на животинската популација во иднина, но веројатно ќе имаат и последици по здравјето на луѓето“, вели коавторот на студијата Грегори Албери, биолог на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Петгодишната студија испитувала 3.139 видови цицачи, проектирајќи како нивните глобални движења ќе се променат според серијата сценарија за глобално затоплување. Научниците исто така анализираа како нивните движења ќе влијаат на преносот на вирусот.
Откриле дека новите контакти меѓу различните цицачи ќе се удвојат. Тие би се појавиле каде било во светот, но би биле особено концентрирани во тропска Африка и Југоисточна Азија.
Глобалното затоплување ќе влијае и во густо населените области каде што „луѓето најверојатно ќе бидат почувствителни и поранливи на промените во животната средина, а некои вируси ќе се шират глобално од кој било од овие населени центри“.
Веројатни жаришта се регионот Сахел, етиопските висорамнини, долината Рифт што минува низ Етиопија, Кенија и Танзанија, Индија, источна Кина, Индонезија, Филипините и некои понаселени делови на Европа, покажа истражувањето.
Скриената закана, предупредуваат научниците, е претставена со 10.000 вируси кои „тивко циркулираат“ меѓу дивите цицачи во тропските шуми и може да се пренесат на луѓето.
Како единствениот цицач кој може да лета, лилјакот може да патува далеку поголеми растојанија од своите роднини на копно, со што шири разни болести.
Експертите веруваат дека овој процес е веќе започнат и е неповратен, а нивната студија сугерира дека лилјаците се одговорни за огромното мнозинство на потенцијални први средби со други цицачи, најмногу во Југоисточна Азија.
Дури и ако светот успее да ги намали сегашните емисии на стакленички гасови многу брзо и „масовно“, се чини дека тоа нема да придонесе за решавање на овој проблем.
Проекциите покажаа дека во најблагото сценарио, кога се земаат предвид климатските промени, може да има повеќе пренос на вируси меѓу животинските видови.
Истражувачите исто така се обидоа да утврдат кога би можеле да почнат да се случуваат такви први средби меѓу различни животински видови, очекувајќи дека тоа ќе биде кон крајот на овој век, но на нивно изненадување се покажа дека повеќето први контакти се случуваат помеѓу 2011 и 2040 година и континуирано се зголемуваат.
Овој процес е веќе во тек и не можеме да го спречиме ниту во најдоброто сценарио за климатски промени. Но, можеме и мораме да преземеме мерки кои ќе ни обезбедат подобра здравствена инфраструктура која ќе ги заштити и животинската и човечката популација, рече Албери.
Тој вели дека „доцна е трендот да се промени, но важно е да станеме свесни за фактот дека климатските промени наскоро ќе бидат најголемиот светски глобален двигател на болести, поради што треба да изградиме добри здравствени системи кои ќе можат да се справат со нив.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.