Алфа Ромео ќе остане во Формула 1 и по завршувањето на оваа сезона, кога истекува договорот со Заубер, потпишан во ноември 2017 година, за спонзорирање на тимот под ново име. Главниот „виновник“ за овој договор, починатиот претседател на „Фиат Крајслер Аутомобилис“ Серџо Маркионе, сакаше на овој начин да го оживее спортскиот дух на познатиот италијански бренд. Италијанците во наредната година ќе ги „ребрендираат“ погонските системи на Ферари, кои ги користи тимот на Хас, па Алфа Ромео ќе остане „добавувач“ на мотори во Формула 1. Во основа, договорот е ист како оној со Заубер – чисто спонзорство.
Ауди ќе го заврши купувањето на мнозинскиот пакет на Заубер следната година, со цел швајцарскиот тим да го претвори во фабрика со германска сопственост, поради што со голем интерес се следеше судбината на Алфа Ромео. Учеството на италијанците во Формула 1 е класична маркетинг вежба – тие немаат технолошки придонес за перформансите на тимот, туку имаат пари и име.
Од минатата година, врвните менаџери на Алфа Ромео бараат алтернатива за Формула 1, а извршниот директор Жан-Филип Импарато објасни дека ќе разгледаат неколку опции – од учество во Светскиот шампионат на издржливост и трката во Ле Ман, до останување во Формула 1. Преговорите со Хас започнаа во мај, а на првиот состанок со шефовите на Алфа Ромео, Гинтер Штајнер рече дека нема начин да се смени името на тимот, па страните се фокусираа на ребрендирање на моторите на Ферари.
Ова не е без преседан во поновата историја на Формула 1. Во 2016 година, моторите на Рено што ги користеше Ред Бул беа наречени „TAG-Heuer“, по спонзорот на тимот, а од минатата сезона погонските системи на Алпин не се Рено, туку именувани по спортскиот бренд на овој француски гигант.